Експерт од Пакистан: Рехабилитацијата од земјотресите е скапа работа

Фајсал Еди ја повика меѓународната заедница и натаму да овозможува поддршка за луѓето од погодените подрачја

Рехабилитацијата на луѓето погодени од земјотресот е долг и скап процес и бара поддршка од меѓународната заедница, смета Фајсал Еди првиот човек на најголемата добротворна организација во Пакистан, Фондацијата Еди

„Меѓународната заедница треба да продолжи да ја поддржува Туркије за да помогне во рехабилитацијата на стотици илјади луѓе чијшто нормален живот е нарушен и тие сега се на улица“, изјави Еди, кој пристигна во Туркије на 9 февруари за да се вклучи во акциите за помош. Тој е син на починатиот познат пакистански филантроп, Абдул Сатар Еди.

Еди деновиве е стациониран во Кајсери и со неговиот тим, заедно со локани волонтери, се грижат за три кујни во Кахраманмараш и Газиантеп.

„Секој ден обезбедуваме храна за 5.000 до 6.000 луѓе. Дистрибуираме конзервирана, готова храна за јадење заедно со основни и суви производи, како што се ориз, леќа, масло за јадење, шеќер и чај”, рече тој.

Додека другите тимови од Пакистан помагаа во операциите за спасување и пребарување, Фајсал Еди и неговиот тим дистрибуираа 5.000 оброци на погодените семејства и имаат за цел да однесат од 15.000 до 20.000.

Еди кој е социјален работник и во минатото има учествувано во акции за помош во Туркије. По големиот земјотрес во Измит во 1999 година, тој и неговите родители, Абдул Сатар Еди и Билкис Еди, дојдоа да им помогнат на жртвите и останаа 20 дена.

„Се сеќавам на урнати згради и дека многу луѓе загинаа. Имаше многу уништувања“, рече Еди.

Тој земјотресите од 6 февруари ги нарече поголема катастрофа.

„Размерите на катастрофата се огромни. Видов локални тимови и спасувачи од Германија, Франција, Израел и многу други земји како работат, но обемот на трагедијата беше преголем“, рече тој.

Потресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала беа со епицентар во Кахраманмараш и погодина вкупно 11 провинции меѓу кои и Хатај, Газиантеп, Адијаман, Малатија, Адана, Дијарбакир, Килис, Османије, Елазиг и Шанлиурфа. Повеќе од 13 милиони луѓе се погодени од разорните земјотреси.

Неколку земји во регионот, вклучително и Сирија и Либан, исто така ги почувствуваа потресите што ги погодија за помалку од 10 часа.

Според последните официјални податоци, повеќе од 41.000 луѓе загинаа во земјотресите во Туркије. Илјадници други беа повредени. ТРТ Балкан