Патрушев му порача на Ванг дека Кина е главен приоритет на руската надворешна политика

 Секретарот на Советот за безбедност на Русија Николај Патрушев во денешниот разговор во Москва со највисокиот кинески дипломат Ванг Ји дека развојот на стратешко партнерство со Кина е безусловен приоритет на руската надворешна политика и дека двете земји мора да се држат заедно против Западот, пренесоа руските државни медиуми.

Патрушев му рекол на Ванг дека Москва ја поддржува позицијата на Кина во однос на Тајван, Хонг Конг и Синџијанг и Тибет, кои, како што вели, Западот ги користи за да ја дискредитира Кина.

– Западот дејствува против Русија и Кина, како и на штета на земјите во развој, поради што Пекинг и Москва мора да ја продлабочат соработката и интеракцијата на меѓународно ниво, посочи Патрушев.

Тој посочи дека Русија и Кина се залагаат за праведен светски поредок и го поздравуваат се поголемиот број земји кои го избираат патот на суверен развој врз основа на нивниот идентитет и традиција. Истовремено, Патрушев изрази жалење што натамошната трансформација на системот на меѓународни односи кон мултиполарен модел на светскиот поредок се соочува со зголемено противење од Западот, кој, како што рече, по секоја цена сака да ја одржи својата глобална доминација.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров утре ќе се сретне со Ванг во Москва.

Московскиот весник Комерсант претходно објави дека Ванг отпатувал во Москва за да разговара за можен мировен план за Украина.

Ванг Ји е директор на Канцеларијата на Централната комисија за надворешни работи на Комунистичката партија на Кина (ККП) и член на Политбирото на ККП.