Експропријацијата на земјиштето за изградба на Коридорите 8 и 10-Д е во застој

Експропријацијата на земјиштето за изградба на коридорите 8 и 10д е во застој. Од извештајот на Надзорот за патот што ќе го гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, произлегува дека државата досега извршила експропријација на само 58 отсто од земјиштето за автопатите Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани- Ќафасан и Прилеп – Битола.

Средствата за експропријација се проценуваат на околу 300 милиони евра. Државата, според надлежните, ќе го откупи земјиштето по пазарна цена која се пресметува врз основа на данокот на имот што го плаќа сопственикот на имотот.

Јавното претпријатие за државни патишта досега на „Бехтел и Енка“ исплатило околу 235 милиони евра, додека годинава се планира директно од државниот буџет да префрли уште 250 милиони евра.

„Бехтел и Енка“ изградија автопати и во Косово, каде вчера беше објавена пресудата за незаконска исплата на 53 милиони евра. Поранешниот министер за инфраструктура на Косово, Пал Лекај, е осуден на три години и осум месеци затвор за злоупотреба на службената положба и намерно оштетување на државниот буџет. Нему му е изречена и забрана за вршење јавни функции во јавната администрација во траење од три и пол години.

Затворски се осудени и неговата секретарка, директорот за набавки и советникот на министерот.

Покрај во Македонија и Косово, „Бехтел и Енка“ беше присутна и во Албанија, Хрватска и Романија, каде имаше коруптивни афери. Хрватска и Романија беа принудени предвреме да ги откажат договорите со американско-турскиот конзорциум.