Екс шеф на Ауди призна вина за скандалот со дизел емисии

Руперт Штадлер, поранешен член на бордот на директори на Ауди, е прв од Фолксваген групацијата кој пред суд призна вина за вмешаноста во скандалот со лажирани емисии на дизел моторите.

Штадлер пред судот во Минхен призна дека имал можност да преземе мерки, но не успеал во тоа, и изрази жалење за стореното.

Признанието го даде како дел од договорот меѓу одбраната и обвинителството по што му е изречена условна казна.

Штадлер (60) ќе мора да плати и парична казна од 1,1 милиони евра.

Тој стана првиот поранешен член на одборот на групацијата Фолксваген (VW) кој пред суд призна дека ги фалсификувал вредносните податоци на емисиите на автомобилите со дизел мотори.

Групацијата Фолксваген, која се состои од 10 брендови, вклучувајќи го и Ауди, беше обвинета за прикажување на лажни податоци од нивото на загадување со дизел автомобилите за што бил создаден посебен систем на измама на потрошувачите и регулаторните тела.