ЕК работи на пренос на профитот од замрзнатите руски средства во Украина

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска изјави дека Комисијата работи на предлог дел од профитот од замрзнатите руски државни средства да испорача како помош на Украина, меѓу другото и за нејзината повоена обнова.

На прес-конференција по самитот на лидерите на ЕУ, таа рече дека вредноста на замрзнатите руски средства е 211 милијарди евра и потсети дека Унијата одлучи дека Русија мора да плати за обновата на Украина, пренесува Ројтерс.

Според неа, министрите за финансии на ЕУ постигнале „добар напредок“ во однос на основните принципи на годишните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во Маракеш.

„Значи, следниот чекор би бил вистински предлог“, рече фон дер Лајен.

Италијанскиот премиер Џорџо Мелони по самитот изјави дека преговорите меѓу членките на ЕУ за нов сет на фискални правила се покажале тешки бидејќи Унијата има за цел да го заврши процесот до крајот на годината.

„Ова не се лесни преговори, за тоа разговаравме до доцна синоќа“, рече Мелониева, пренесува Танјуг.

Споделете ја оваа вест