ЗЕМЈАТА ЈА ОЧЕКУВА ГОЛЕМА КАТАСТРОФА – Суперкомпјутер создаде климатски модел кој открива кога луѓето и сите други цицачи ќе исчезнат

Посилното сончево зрачење, почестите вулкански ерупции и тектонските процеси ќе го претворат новиот суперконтинент на Земјата во речиси непогодна зона за 250 милиони години.

Невидена топлина веројатно ќе доведе до следното масовно истребување – речиси сите цицачи ќе исчезнат за околу 250 милиони години, предупредија научниците од Универзитетот во Бристол.

Во научното списание Nature Geoscience, тие го претставија првиот климатски модел на далечната иднина создаден од суперкомпјутер, кој демонстрира што ќе се случи кога сите светски континенти во исто време ќе се спојат во топол, сув и главно ненаселен суперконтинент, пренесува Phys.org.

Наодите предвидуваат дека високите температури ќе бидат уште повисоки кога Сонцето станува посветло, испушта повеќе енергија и ја загрева Земјата. Тектонските процеси кои се случуваат во Земјината кора и водат до формирање на суперконтиненти ќе доведат и до многу почести вулкански ерупции кои ќе испуштаат големи количества јаглерод диоксид во атмосферата, што дополнително ќе ја загрее планетата.

Цицачите, вклучително и луѓето, преживеале во минатото благодарение на способноста да се прилагодат на временските екстреми, особено приспособувањата како крзно или хибернација на студ, како и кратки периоди на хибернација на високи температури.

Додека цицачите еволуирале на пониски температури до границата за да преживеат, толеранцијата на висока температура генерално останала константна. Поради ова, долгото изложување на топлина е многу потешко да се издржи и може да се покаже неподносливо.

Новиот суперконтинент би создал тројна опасност – спојувањето на континентите, пожешко сонце и повеќе јаглерод диоксид во атмосферата драстично би ја подигнале температурата на целата планета. Резултатот би бил средина без извори на храна и вода за цицачите. Температурите би биле меѓу 40 и 50 степени, а дневните екстреми би биле уште повисоки. Дополнително, нивото на влажност во воздухот ќе биде она што ќе ја запечати нашата судбина. Луѓето и многу други видови би изумреле поради неможноста да ги оладат своите тела со пот“, тврди д-р. Александар Фарнсворт, истражувач од Универзитетот во Бристол.

Иако климатските промени предизвикани од човековата активност се се поголем проблем и доведуваат до висока смртност во одредени региони, истражувањата покажуваат дека планетата ќе биде претежно погодна за живеење до големи сеизмички промени во далечната иднина. Но, кога ќе се формира суперконтинент, наодите покажуваат дека само меѓу 8 и 16 отсто од земјата ќе биде погодна за живеење за цицачи.

Клучно е да не се изгуби од вид актуелната климатска криза, која е резултат на емисиите на штетни гасови. Иако предвидуваме дека планетата ќе биде непогодна за живот за 250 милиони години, денес имаме екстремна топлина многу штетна за здравјето на луѓето. Затоа, од клучно значење е што поскоро драстично да го намалиме загадувањето“, вели д-р. Јунис Ло, истражувач од Универзитетот во Бристол.

Тимот научници користел климатски модели, симулирајќи температура, ветрови, дожд и влажност на суперконтинентот, кој се очекува да се формира за 250 милиони години. Тие користеле модели на движење на тектонските плочи, океанска хемија и биологија за да го проценат нивото на јаглерод диоксид во воздухот.