– Шпанецот Луис Енрике и Австриецот Оливер Гласнер се главни кандидати да го наследат на тренерското место во Тотенхем италијанскиот стратег Антонио Конте, чие столче е сериозно разнишано, јавија денеска британските медиуми.
Конте има договор со лондонскиот премиерлигаш до крајот на оваа сезона, но сè почести се гласините дека тој би можел и порано да замине од Тотенхем.
Ова особено откако остро ги критикуваше своите фудбалери по ремито против Саутемптон.
Натпреварот на „Сент Мери“ заврши со резултат 3-3, иако гостите од Лондон во последните 15 минути влегоа со предност од 3-1.
„Секогаш барате алиби за играчите. Ги браните од сè и така секој пат. Доста веќе. Ние сме професионалци. Клубот ни плаќа големи плати. Не се платени да бараат алиби, да не покажуваат желба и да немаат одговорност. За мене тоа е неприфатливо, бидејќи прв пат во кариерата се наоѓам во ваква ситуација“, изјави тогаш Конте.
Италијанскиот тренер седна на клупата на Тотенхем во ноември 2021 година и од него се очекуваа големи резултати во лондонскиот клуб. Меѓутоа, англиските медиуми пишуваат дека Конте би можел да добие отказ веќе во текот на оваа репрезентативната пауза, а како негови можни наследници се споменуваат Енрике и Гласнер.