Ердоган го нарече Нетанјаху касап: ,,Треба да му се суди како на Милошевиќ”

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на крајот ќе му се суди како воен злосторник за израелската офанзива во Појасот Газа.

Ројтерс пренесува дека турскиот претседател во говор на состанокот на комитетот на Организацијата за исламска соработка во Истанбул, рече дека Газа е палестинска земја и секогаш ќе им припаѓа на Палестинците, а израелскиот премиер го нарече „касап“.

– Касапот на Газа, Нетанјаху, пред камера призна дека неговите експанзионистички цели не се ограничени само на Рамала и Газа. Затоа, одбраната на Газа и Палестина денес значи истовремено одбрана на Ерусалим, Мека, Медина, Дамаск, Истанбул и други исламски градови –  рече Ердоган, а пренесува лондонски Гардијан.

Според неговите зборови, Нетанјаху мора да се појави на суд за воени злосторства, кои Израел ги извршил во Газа, и посочи дека треба да му се суди за воени злосторства како поранешниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ, пренесе АП.

– Нетанјаху не само што е воен злосторник, туку дефинитивно ќе му се суди како касап на Газа, исто како што му се судеше на Милошевиќ – рече Ердоган.

Ердоган повторно ги обвини петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации дека ги попречуваат напорите за ставање крај на насилството.

– Од една страна има 121 земја кои велат дека војната и крвопролевањето треба да се прекинат, но од друга страна од три до пет земји даваат одврзани раце за израелските напади –  вели Ердоган.