Ердоган го повтори повикот до Израел да не ги напаѓа цивилите и да ги запре операциите во Газа

– Турција го повтори повикот до Израел да „не го шири обемот на своите напади врз цивилите“ и да ги запре операциите кои се граничат со геноцид, изјави вчера претседателот Реџеп Таип Ердоган.

„Сосема е јасно дека безбедноста не може да се постигне со убивање деца, жени и цивили, ниту со бомбардирање на болници, училишта, џамии и цркви. Угнетувањето не води кон траен мир“, рече Ердоган, коментирајќи ја најновата ескалација на израелско-палестинскиот судир во Газа.

„Израелското раководство, наместо да ги исправи своите грешки и да делува со државничка мудрост, се однесува како организација, често поттикнувана од страна на актери надвор од регионот“, додаде турскиот претседател.

Ердоган истакна дека регионот мора да се ослободи што е можно поскоро од сегашното „лудило“ кое западните земји го охрабруваат и, според него, настан што западните медиуми се обидуваат да го легитимираат.

Претседателот на Турција ги повика сите земји и меѓународни агенции вистински да ја поддржат иницијативата насочена кон брзо постигнување на хуманитарно примирје во Газа.

„Веруваме дека со воспоставување на нов механизам за гарантирање на безбедноста на сите луѓе кои живеат на овие простори, нашиот регион ќе постигне трајна стабилност“, рече Ердоган.

Претседателот на Турција нагласи и дека неговата земја ќе истрае во напорите да спречи поголеми губитоци на невини животи, ќе спречи понатамошни хуманитарни кризи и ќе побара решение за израелско-палестинскиот судир „пред да се дојде до точката од која нема враќање.“