Ердоган на „Третиот самит на Кримската платформа“ повтори дека Турција не ја признава анексијата на Крим
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска повтори дека Турција не ја признава анексијата на Крим.
-Ние, исто така, го заговараме и ставот во корист на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, рече Ердоган во видео пораката по повод Третиот самит на лидерите на Кримската платформа.
Ердоган на почетокот на своето обраќање ги поздрави претседателот на Украина, Володимир Зеленски, другите шефови на држави и влади, националниот лидер на кримските Татари, Мустафа Киримоглу, и другите учесници на самитот, пишува Анадолија.
Турскиот претседател и ги честиташе на Украина Денот на знамето и Денот на независноста.
-Турција, која не ја признава анексијата на Крим, од првиот ден решително ја застапува позицијата дека таквата акција е нелегална. На секоја платформа, особено во Обединетите нации, нагласуваме дека Крим е дел од Украина. Обезбедување безбедност и благосостојба на Кримските Татари, еден од домородните народи на Крим, е еден од нашите приоритети, рече Ердоган.
Тој додаде дека нема победници во војна, а нема губитници во мир и повика на крај на војната во Украина со „праведен и траен мир“.
-Во овој процес правиме големи напори да ги задржиме отворени каналите за комуникација, за да престане крвопролевањето и страните барем да се подготват за преговарачката маса, рече Ердоган.
Тој исто така нагласи дека продолжуваат со напорите за заживување на црноморската иницијатива, додавајќи дека во овој процес треба да се избегне секој чекор што ќе ги зголеми тензиите и ќе му наштети на мирот во Црното Море.
Во Киев, главниот град на Украина, денеска се оддржува Третиот самит на Кримската платформа, што се спроведува во хибриден формат.