Естонија, Летонија и Литванија создаваат одбранбена линија на границата со Русија

Естонија, Летонија и Литванија постигнаа договор за создавање „одбранбена линија“ на границата со Русија, соопшти естонското Министерство за одбрана.

„Балтичките земји се договорија за Балтичката одбранбена линија долж нивната источна граница. Од клучно значење е паметно да се искористи времето за да се зголеми одбранбената подготвеност“, се вели во соопштението на Министерството.

Министерството за одбрана на Естонија прецизираше дека договорот за создавање на оваа линија денеска во Рига го потпишале министрите за одбрана на трите земји.

Се истакнува дека министрите потпишале договор според кој трите земји планираат наскоро да создадат одбранбена зона составена од различни објекти наменети за одвраќање и заштита од воени закани.

Естонскиот весник Postimes објави дека властите на земјата ќе изградат околу 600 бункери на источната граница за одбрана од евентуална закана од Русија.

Одлуката за нивните локации ќе биде донесена до крајот на оваа година, а поставувањето на структурите ќе започне во првата половина на 2025 година, објави естонскиот весник.