ЕУ ги повика земјите од Западен Балкан да го следат патот на Украина за процесот на членство

– Шефот за надворешна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, ги повика земјите од Западен Балкан да ги земат за пример патот и темпото на Украина кон членството во ЕУ и ги критикуваше блиските врски на Србија со Русија.

„Сакаме да напредуваме кон проширувањето и пративме силна порака дека треба да го искористат моментумот во процесот на проширување создаден од брзиот напредок на Украина. Украина напредува. Тие (исто така) треба да го следат овој пат со исто темпо. Сега е време тие да ги забрзаат реформите, да се усогласат со стандардите на Европската Унија и да ги подготват своите општества за пристапување. Постои можност, единствена можност. Треба да ја искористат“, изјави Борел.

Тој ги даде своите изјави на прес-конференцијата по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Борел рече дека министрите за надворешни работи на шест земји од регионот на Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија, размениле мислења за влијанието на Русија во регионот.

„Дискутиравме за влијанието на Русија, која се обидува да го попречи европскиот пат на кандидатите од Западен Балкан. Ги поздравивме стратегиските и храбрите избори на некои од нив, кои целосно се усогласија со нашата надворешна политика и санкции“, рече тој.

Борел ја критикуваше и Србија дека не ја усогласува својата надворешна политика со онаа на Европската Унија.

„Исто така, им укажавме на оние што сè уште не се усогласиле целосно или воопшто не се усогласиле – и сакам да ја споменам особено Србија – дека одржувањето блиски врски со Русија не е компатибилно со нејзиниот процес на пристапување во Европската Унија. Тоа е штетно и за сопствените национални интереси, но секако дека не е компатибилно со процесот на пристапување кон Европската Унија“, рече тој.

Србија, која се стреми да стане членка на ЕУ, се спротивстави на спроведувањето на западните санкции кон Русија поради војната на Москва против Украина.

Претседателот Александар Вучиќ постојано велеше дека западните сојузници го притискаат да ја санкционира Русија.