Жестока реакција на Гвардиола: Ги наброја деветте англиски клуба кои бараат исфрлање на Манчестер Сити (Видео)

Пеп Гвардиола целосно застана во одбрана на своите работодавци и емотивно и жестоко се бранеше од нападите на новинарите, откако Премиер лигата отвори истрага против Манчестер Сити за неправилно работење во период од девет сезони.

Шпанскиот стручњак порача дека максимално верува во водечките луѓе на Манчестер Сити и убеден е дека клубот е невин во целата оваа ситуација, правејќи споредба со истрагата која ја започна и УЕФА пред неколку години, а која заврши без казна за англискиот шампион.

Во своето обраќање во кое навистина не се штедеше, Гвардиола ги наброја и деветте англиски клуба кои барале Сити да биде исфрлен од Лигата на шампионите, а истите тие сега бараат да биде исфрлен и од Премиер лигата.

– Јас им верувам на моите луѓе и верувам дека сме целосно невини. Истото ова ни се случи и со УЕФА. Истите членови беа и тогаш, ќе се браниме за нашата невиност. Убеден сум дека сме невини, така е од првиот ден кога овој клуб беше преземен од Абу Даби.

– Девет клубови: Барнли, Вулверхемптон, Лестер, Њукасл, Тотенхем, Арсенал, Манчестер Јунајтед, Ливерпул и Челси. Тие бараа да не исфрлат од Лигата на шампионите, тие сакаат да бидат во нашата позиција. Ова го доживуваме вторпат. Не обвинуваат, но јас верувам во моите луѓе, – изјави Пеп.