Загубарот во загуба – кражби, кусоци, сомнителни камати констатираат ревизорите во „Македонска пошта“

Државниот загубар „Македонска пошти“ тоне во уште поголема загуба. Акционерското друштво во државна сопственот минатата година го зголемила минусот за половина милион евра, споредено со 2021 година и покрај приходите што ги остварила од речиси 17 милиони евра.

Ова го констатираат независни ревизори во извештај којшто е објавен на Македонската берза. Побарувањата од кражби, кусоци од вработени во износ од 1,52 милиони евра, тешко дека ќе се наплатат, констатираат ревизорите.

-Со состојба на 31 декември 2022 година, друштвото има евидентирано останати побарувања по основ на кусоци од кражби, кусоци од вработени, побарувања по основ на спогодби, како и побарувања за спорни и сомнителни камати на нето износ од 93.387.000 денари или 1,52 милиони евра. Во постапката на ревизија не бевме во состојба да се стекнеме со разумно уверување за наплатливоста на останатите побарувања од 90.313.000 денари или 1,47 милиони евра, се вели во извештајот на ревизорите.

Кон добавувачи „Пошта“ должи 3,8 милиони евра, но најголеми трошоци има за плати за вработените.

Трошоците за вработените минатата година се зголемиле за повеќе од 500 илјади евра односно изнесувала 15,8 милони евра, во споредба со 2021 година кога биле 15, 2 милиони евра. Тука се доаѓа до една контрадикторност, односно бројот на вработени во овие години е намален, а трошоците за нивните плати се зголемени, ако се земе предвид дека во 2021 година имало 2.267 вработени, а минатата година бројот на вработени е намален на 1998.

И покрај ваквите загуби, сепак „Пошта“ на тендер избра фирма која ќе плати 1,2 милиони евра за чистење за период од две години.

Со акционерското друштво сега раководи директорката Бујаре Абази, кадар на коалицискиот владин партнер „Алијанса за Албанците“, додека претходно на директорското место беше Васко Стефанов.