Заедничката фотографија на новата Влада без министрите од ВМРО-ДПМНЕ

 На заедничката фотографија по изгласувањето на техничката Влада не беа министрите кои доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски и Ѓоко Велковски кои во идните 100 дена ќе раководат со министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика. 

Премиерот Талат Џафери во изјавата дадена по изборот на новата Влада им порача на граѓаните да бидат спокојни бидејќи и тие министри имаат законска обврска да одговорат на обврската што ја презеле. 

– Бидејќи работата на Владата ќе биде суштинска заедно со нив, затоа што и тие исто како и ние што сме на сликата имаат законска обврска да одговорат на обврската што ја презеле од вас преку оние што гласаа за составот на Владата, но таа обврска е преземена и од тие што не гласаа воопшто, што не беа во салата. Тоа е сликата што сте навикнати да ја гледате и во работата на Собранието – пред камери се зборува едно, а зад камерите после, кога треба да се работи, поинаква е комуникацијата. Затоа не грижете се, бидете спокојни, јас ќе дадам се од себе заедно со тимот кој од ваше име е составен денеска да ги исполни вашите очекувања. Секој кој ќе постапи спротивно, се коси со законот. Во оваа држава има многу закони и прописи што треба да се спроведат, рече Џафери.

Техничката Влада беше избрана со 65 гласа „за“ и тројца „против“. На седница присуствуваа 111 пратеници. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се воздржаа од гласање на техничката влада.