Западноафриканскиот блок потврди дека е подготвен за воена интервенција во Нигер: Одреден е „Денот Д“

 – Економската заедница на западноафриканските држави (ЕКОВАС) на вториот ден од Самитот потврди дека се подготвени да испратат војници во Нигер веднаш штом лидерите на земјите-членки го одобрат тоа.

На вториот ден од самитот, кој се одржа во Гана, во градот Акра, воените лидери на западноафриканските земји разговараа за деталите за потенцијалната воена интервенција.

Во разговор со новинарите,  секретарот на ЕКОВАС, Абдел Фатау Муса изјави дека датумот на интервенцијата е веќе одреден, но дека тоа нема да и го соопшти на јавноста.

– Подготвени сме да одиме веднаш штом ќе ја добиеме наредбата. „Денот Д“, односно точниот датум на воената интервенција во Нигер е утврден, но нема да го објавиме, рече тој.

Покрај воената интервенција, претставниците на овој економски блок истакнаа дека се уште го поддржуваат дијалогот и оти постои можност за испраќање дипломатско претставништво во Нигер.

– Постои можност мисијата ЕКОВАС да отпатува во Нигер в сабота за да продолжи со мирно враќање на уставниот поредок. Подготвени сме да го решиме проблемот по мирен пат, но потребни се двајца за танго. Ако хунтата сака да продолжи по мирен пат да се врати кон брзо враќање на уставниот поредок, тогаш сме подготвени да ја повлечеме воената опција, потенцираше Муса.