ЗДРАВСТВЕНИТЕ ВЛАСТИ ОД ПОЈАСОТ ГАЗА ОБЈАВИЈА ЗАСТРАШУВАЧКИ БРОЈКИ – Еве колку луѓе го загубија животот до денес од 7. октомври

Здравствените власти од Појасот Газа контролиран од Хамас денес соопштија дека 18.205 лица се убиени во израелските бомбардирања на палестинската територија од почетокот на војната меѓу Израел и палестинскиот исламски Хамас на 7. октомври.

Владата на Хамас, која ја контролира Газа од 2007 година, проценува дека се повредени 49.645 луѓе“, изјави портпаролот на властите, Ашраф ал Кидра.

Претходните извештаи наведуваа дека повеќето од жртвите во Појасот Газа се жени и деца.

Околу 1.300 луѓе загинаа на израелска страна, од кои повеќето цивили, за време на нападот на палестинските екстремисти, предводени од Хамас, на првиот ден од војната, кога околу 240 заложници беа однесени во Појасот Газа.

Повеќе од 100 заложници беа ослободени за време на еднонеделното примирје кон крајот на ноември, во замена за жени и малолетници од израелските затвори.

Израел вели дека Хамас сè уште држи 117 заложници и посмртните останки на 20 луѓе кои починале во заробеништво или биле убиени во првичните напади.

Меѓу израелските жртви има 104 војници кои загинаа од почетокот на копнената офанзива во Појасот Газа на 27. октомври.