Зеленски донесе важна одлука и во сè ја вклучи оваа држава: Има информации кои Русија не сака да ги слушне

Претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска изјави дека во Романија ќе биде формиран центар за обука на украински пилоти на повеќенаменски ловци Ф16.

Oва го изјави шефот на украинската држава во Букурешт, на заедничката прес-конференција со романскиот претседател Клаус Јоханис, пренесе Униан.

– Има исклучително важна одлука за обука на пилоти Ф16 во Романија, каде што се гради центар за таа намена – рече Зеленски.

Тој додаде дека разговарал со Јоханис како сето тоа да се забрза.

– И се договоривме украинските пилоти да бидат вклучени во првиот бран обука – нагласи шефот на украинската држава.

Зеленски го информираше својот романски колега и за ситуацијата на бојното поле и за потребите на Украина за одбрана.

– Благодарен сум за сите пакети за поддршка што ги обезбеди Романија, како и за она што го разговаравме денеска, а ќе има добри вести во однос на артилериската и противвоздушната одбрана – изјави тој.

Tој нагласи дека не може да ги каже сите детали, бидејќи „можеби има информации кои Руската Федерација навистина не сака да ги слушне“.

Јоханис, пак, рече дека Романија се фокусира на помагање на Киев за да може Украина да победи во војната, а „како сосед и партнер треба и е должна да размислува за долгорочни односи со Киев“.