Првиот авион со „напредна американска муниција“ пристигна во Израел

 – Израел во вторникот го соопшти пристигнувањето на првиот транспортен авион со „напредна американска муниција“.

Според веста што ја објави „Jerusalem Post“, израелската војска објавила соопштение во врска американската воена помош.

„Првиот авион со американска муниција слета во Израел откако САД соопштија дека ќе испратат нови резерви на противвоздушна одбрана, муниција и друга безбедносна помош до својот сојузник за да се борат против палестинските милитанти на Хамас“, се вели во соопштението.

Армијата соопшти дека „муницијата е дизајнирана да нанесе значителни удари“, додавајќи дека е во „подготовка за дополнителни сценарија“.

Израелската армија изрази благодарност „за американската поддршка и помош на израелските одбранбени сили особено и на државата Израел воопшто, во овој предизвикувачки период“.

Ситуацијата ескалираше во Појасот Газа по нападите на палестинската група Хамас. Израел возврати со воздушни напади и ја стави енклавата под целосна блокада.

Исто така, го прекина снабдувањето со вода и електрична енергија на Газа, со што се влоши и онака лошата хуманитарна ситуација.

Во насилствата загинаа најмалку 2.100 луѓе, од кои 900 Палестинци и 1.200 Израелци.

Појасот Газа кој е дом на речиси 2,2 милиони луѓе, од 2007 година е под израелска блокада.