Зеленски: Украина и САД донесоа историска одлука заеднички да произведуваат оружје

– Украина и Соединетите Американски Држави (САД) донесоа историска одлука за заедничко производство на оружје, особено системи за противвоздушна одбрана, изјави украинскиот претседател Владимир Зеленски.

„Историска одлука на Соединетите Американски Држави заеднички да произведуваме оружје и одбранбени системи. Конкретно, противвоздушна одбрана“, рече Зеленски во синоќешното обраќање до нацијата, пренесе украинската државна новинска агенција Укринформ.

Тој наведе дека ќе стане реалност нешто што до неодамна било апсолутна фантазија.

„Ќе го претвориме тоа во реалност. Сите што работат за државата. А ова е нов квалитет на украинската одбранбена индустрија – многу помоќен“, нагласи Зеленски.

Напомена и дека овој аранжман ќе даде значителен економски стимул бидејќи подразбира создавање „компании, нови работни места за двата народа – за Украинците и Американците“.

Зеленски, исто така, изрази благодарност до американскиот претседател Џо Бајден и неговата администрација „и сите во Америка што ја ценат слободата и ја поддржуваат Украина“.

„Имаме јасна перспектива за новата отпорност на Украина, која ќе спречи повторување на руската агресија“, додаде Зеленски.

Украина и САД потпишаа меморандуми за соработка во рамките на одбранбено-индустрискиот сектор, се наведува во извештаите.