– Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес изјави дека Украина не е вмешана во авионската несреќа во северозападната руска област Твер во која загинаа сите 10 патници, меѓу кои и шефот на руската паравоена група „Вагнер“, Евгениј Пригожин.
На заедничката прес-конференција со португалскиот колега Марсело Ребело де Соуза во главниот град Киев, Зеленски рече дека Украина „нема никаква врска“ со инцидентот: „Мислам дека сите се свесни за тоа кој е вмешан“, објави украинскиот јавен сервис „Суспилне“.
Доцна синоќа, руската Федерална агенција за воздушен сообраќај соопшти дека авион „Ембраер-135“ се урнал во руската област Твер додека летал од Москва кон Санкт Петербург, при што загинале сите 10 патници во авионот, од кои тројца биле членови на екипажот.
Агенцијата подоцна објави листа со имињата на лицата во авионот, меѓу кои е и Пригожин, коосновачот на „Вагнер“, Дмитриј Уткин и други припадници на руската паравоена група.
Руската федерална агенција соопшти дека започнала истрага за несреќата, додека руска Истражна комисија преку Телеграм соопшти дека подигнала кривична постапка поради „прекршување на правилата за безбедност во сообраќајот и функционирањето на воздушниот транспорт“.
Пригожин се најде на насловните страници во јуни кога започна „вооружен бунт“ против руското раководство и брзо го прекина по договорот постигнат со посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко.