Зеленски: Украина ќе одговори на руските напади во Црното Море

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека Украина ќе се бори против Русија во Црното Море, за да гарантира дека нејзините води не се блокирани и дека земјата може да увезува и извезува жито и други стоки.

„Ако Русија продолжи да доминира на Црното Море, надвор од нејзината територија, повторно да нè блокира или гранатира, да лансира ракети кон нашите пристаништа, Украина ќе го стори истото. Ова е фер заштита на нашите способности, на секој коридор. Ние не располагаме со толку многу бродови. Меѓутоа, (Русите) мора јасно да разберат дека до крајот на војната ќе имаат нула бродови, нула“, рече Зеленски на видео објавено на веб-страницата на украинското претседателство.

Зеленски ја повика Русија да прекине да истрелува ракети и беспилотни летала кон украинските пристаништа и да дозволи трговија.