Зеленски: Украинската противвоздушна одбрана собори над 30 руски проектили

Украинскиот претседател Владимир Зеленски соопшти дека над 30 руски проектили биле соборени во текот на вчерашниот ден од системот за противвоздушна одбрана на Украина.

„Податоците сè уште се финализираат, но според прелиминарните извештаи, повеќе од 30 проектили се соборени само за време на денешниот ракетен напад, најголем дел од оние употребени против нас“, рече Зеленски за време на синоќешното обраќање.

„Имаше неколку погодени подрачја, а паднаа и фрагменти од проектил. Но многу е важно што дрскоста на овој напад е уништена. Системот за противвоздушна одбрана заврши одлична работа!“

„Благодарен сум му на секое лице што го штити украинското небо. Ние работиме секојдневно за да се осигуриме дека нашите војници имаат сѐ повеќе можности за одбрана на Украина, нашите градови и народ“, додаде тој.

Украинскиот Генералштаб претходно, преку соопштение објавено на Фејсбук, истакна дека противвоздушната одбрана на земјата уништила 36 проектили истрелани од Русија во два одделни напада во текот на денот.

Руските власти сè уште се немаат огласено за наводите, а независната проверка на тврдењата на Украина е тешка поради тековните воени дејства.