Зеленски ја повика Швајцарија да дозволи продажба на оружје на Украина

 Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја повика Швајцарија да дозволи увоз на нејзино оружје во Украина, велејќи дека тоа е од клучно значење за борбата против руската инвазија.

– Знам дека Швајцарија разговара за извоз на воен материјал за заштита и одбрана на Украина. Тоа би било клучно, рече Зеленски во обраќањето пред швајцарскиот парламент преку видео врска.

– Ни треба оружје за да го вратиме мирот во Украина, додаде тој.

Швајцарија има долгогодишна политика на забрана за препродажба на швајцарско оружје на земји во конфликт. Кон крајот на минатата година оваа централноевропска земја воведе ембарго за продажба на муниција на Русија и Украина.

Прашањето поттикна дебата во Швајцарија, која се обидува да одржи рамнотежа помеѓу својата традиционална политика на неутралност и грижата за своето европско соседство и домашното производство на оружје.

Зеленски и се заблагодари за приклучувањето кон европските санкции против Русија и ја покани да биде домаќин на светскиот состанок за мир.

– Многу е важно да се покаже солидарност бидејќи овие санкции ни помагаат да ставиме крај на агресијата, рече украинскиот претседател, нагласувајќи дека санкциите треба да се зајакнат.

– Би сакал да ве поканам да одржите глобален состанок за мир. Можете да преземете водечка улога таму и да ја искористите вашата национална експертиза, рече Зеленски.

Неговото обраќање поттикна тензии во парламентот откако десничарската Швајцарска народна партија оцени дека говорот ја нарушува неутралноста на земјата