Зеленски: Oдлуката за почеток на пристапните преговори на Украина за ЕУ мора да биде одобрена

 – Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека одлуката за почеток на преговорите за пристапување на неговата земја во Европската Унија (ЕУ) мора да биде одобрена до крајот на годината, соопшти украинското Претседателство.

„На крајот на годината, одлуката за почеток на преговорите за пристапување на нашата земја мора да биде одобрена од страна на Европскиот совет и не постои алтернатива за ова“, рече Зеленски на состанокот со шефовите на странските дипломатски институции на Украина.

Тој истакна дека Украина ќе биде подготвена за процесот и целата релевантна легислатива поврзана со пакетот за отворање на преговорите за членство на Киев мора да биде усвоена од Парламентот.

„Квалитетот на работата на пратениците на овој пакет е прашање на национална безбедност бидејќи ЕУ е економска и институционална безбедност за Украина. Во исто време Украина е безбедносно прашање за ЕУ бидејќи секоја неизвесност во врска со нашата земја е слабост. И слабоста ја искушува Русија да биде агресивна и да се обиде со своето присуство да го пополни просторот во кој нема доволно соработка, а институциите на ЕУ не се доволни“, нагласи Зеленски.

Во однос на НАТО украинскиот претседател рече дека Украина „го отстрани табуто“ за нејзино членство во Алијансата.

„Постои свесност дека Украина ќе биде во НАТО и дека тоа е само прашање на време. Веќе работи нова алатка – Советот Украина-НАТО, токму како алатка за интеграција“, рече тој.

Зеленски нагласи и дека веќе треба да се во тек подготовките за следниот самит на НАТО во 2024 година во Вашингтон, укажувајќи дека тој може да биде „историски“ за Украина и за блокот.

„Безбедноста е секогаш заеднички напор и до декември оваа година мора да ја поставиме основата за таков заеднички напор. Задачата на амбасадорите во НАТО-земјите е да работат на консолидација на сите главни градови на Алијансата околу заедничките безбедносни приоритети“, порача украинскиот претседател.