Зелен хуман град: Добиена граѓанска битка против градежната мафија во Скопје

Советот денес ја усвои предлог-одлуката што ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД ја поднесе на барање на Борба за Влае со која го поништивме штетниот Регулациски план за СЗ 19!

Расправата која течеше по предлог-одлуката е доказ дека граѓаните мора да се самоорганизираат и да станат дел од локалните совети за да се осигураат дека ќе се носат одлуки со кои ќе се заштити јавниот интерес.

„Сите знаеме со која брзина се дигаат облакодери, а колку е бавна правдата за обичниот човек. Со оваа предлог-одлука му даваме моќ и надеж на секој граѓанин дека има претставници во локалните совети кои стојат рамо ро рамо со нив, а не наспроти нив“ изјави Горјан Јовановски од ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД.

Една советничка група иако им вети поддршка на Борба за Влае, секако дека ги извиси во последен момент, како што им е практика. Ние не очекувавме ништо различно од политичка партија која и го донесе овој крајно нехуман план не обѕрнувајќи се ни тогаш ни сега на аргументите зошто планот никогаш не ни смееше да биде донесен таков каков што е – во корист на градежната мафија!

На сите ни е доста од политичари што немаат проблем да ги виткаат сите закони кога треба со брзина на светлината да се фрла бетон и асфалт за лични интереси, а кога треба да ги заштитат здравјето и животите на нашите сограѓани безочно манипулираат и банализираат!

Благодарност до сите советници кои ја поддржаа предлог-одлуката и заедно со граѓаните застанаа на патот на градежната мафија!

Со тесно, ама доволно мнозинство од 23 гласа (неофицијално 25), на фото се прикажани советниците кои гласаа ЗА поништување на штетниот Регулациски план за СЗ 19, а тоа се двајцата советници на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД, советничката група на ВМРО и коалицијата, еден член на Алијанса/Алтернатива, советничката група на Левица и двајцата советници од ЛДП/ДОМ.

Преполовената советничка група на СДСМ и коалицијата гласаше воздржана, а целата советничка група на ДУИ не ни беше во салата.