Земјите од Г-7 најавија продолжување и интензивирање на санкциите против Русија

Групата седум богати земји (Г-7) по состанокот на министрите за надворешни работи во Јапонија вети повеќе санкции против Русија поради нејзината војна во Украина.

„Остануваме посветени на интензивирање на санкциите против Русија, координирање и нивно целосно спроведување“, се вели во соопштението на министрите на Г-7.

„Не може да постои неказнивост за воените злосторства и други злосторства како што се руските напади врз цивилите и критичната цивилна инфраструктура“, додаваат тие.

Јапонија, актуелен претседавач со Г-7, беше домаќин на самитот што се одржува од недела во туристичкиот град Каруизава, во централна Јапонија.

Министрите за надворешни работи на Г-7, од Јапонија, Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија и САД и ЕУ истакнаа дека нема промена во основните позиции на членките на Г-7 за Тајван.

Прогласувајќи го мирот и стабилноста околу Тајван како „незаменлив елемент“ на глобалната безбедност, тие, исто така, ја повикаа Кина да се „однесува одговорно како членка на меѓународната заедница“, објави токиската новинска агенција „Кјодо њуз“, цитирајќи го заедничкото коминике објавено на крајот од тридневниот самит на министрите за надворешни работи на Г-7.

Во соопштение, Пекинг поднесе протест до Токио.

„Кина силно се противи и поднесе строг демарш до земјата домаќин на состанокот на министрите за надворешни работи на Г-7 бидејќи таканареченото заедничко коминике е полно со ароганција, пристрасност и злонамерни чувства против Кина“, изјави денес на прес-конференцијата, Ванг Венбин, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.

Самитот на лидерите на земјите од Г-7 треба да се одржи во западниот град Хирошима, местото на првиот нуклеарен напад во светот, следниот месец, во период меѓу 19 и 21 мај.

„Силно се спротивставуваме на какви било еднострани обиди за промена на статус кво со сила или принуда“, рекоа министрите за надворешни работи на Г-7, мислејќи на Тајванскиот Теснец.

„Ќе ја повикаме Кина да дејствува како одговорен член на меѓународната заедница, притоа подготвени да градиме конструктивни и стабилни односи со Кина преку дијалог“, изјави подоцна на прес-конференција јапонскиот министер за надворешни работи, Јошимаса Хајаши.