Зибери: Ми беше понудена функцијата премиер, но ставив крај на политичкиот ангажман

Народниот првобранител Насер Зибери во интервју за „Радио Слободна Европа“ зборува за хаосот што е создаден при издавањето на нови лични документи од страна на граѓаните, како и за двојните избори што ќе се одржат годинава.

Запрашан дали планира да се кандидира за претседател, Зибери вели дека нема планови и дека се откажал од можноста да биде премиер во последните три месеци.

„Не, дефинитивно не. Во последните три месеци се откажав и од можноста да бидам премиер, па ставив крај на мојата политичка кариера“, вели Зибери, додавајќи дека технички му било понудено да биде премиер, пренесува Телеграф Македонија.

За новите лични документи Зибери рече дека има повеќе поплаки од граѓани дека не ги добиле навреме пасошите и личните карти.

„До Народниот правобранител поднесени се претставки од граѓани за патни исправи кои мора да се променат со новото име на државата до 12 февруари годинава. Претставките главно се однесуваа на неможност за одредување рок и надоместување на трошоците за обновување на документите. По нова година имаше поплаки дека граѓаните не можат да ги добијат документите во рок од осум дена“, рече Зибери.

Тој нагласи дека се уште бараат одговори од МВР зошто доцни доставувањето на документите. Тврди дека недостасуваат обрасците за двојазичните документи за пасошите, додека смета дека недостасуваат и обрасците за останатите документи.

„Овие поплаки почнаа да пристигнуваат по нова година и ќе се обратиме до МВР зошто доцнат да се издаваат веќе подготвените, претпоставувам дека тие патни исправи се изготвени и ќе реагираме. Во неформални разговори добив информација дека недостигаат формулари. Можам со сигурност да кажам дека недостасуваат обрасците за двојазичните документи за пасошите, но мислам дека недостасуваат и обрасците за другите документи“, вели Зибери.