Со денешното гласање во 21 земја членка на ЕУ, завршуваат овогодишните избори за 720 членови на Европскиот парламент. Изборите започна во четвртокот со гласање во Холандија, во петокот се гласаше во Ирска, во петокот и вчера во Чешка, а вчера гласаа жителите на Летонија, Малта, Словачка и на француските прекуморски департмани и територии. Во останатите земји, вклучително и во европскиот дел на Франција, ќе се гласа денеска, исто како и во Италија каде гласањето почна вчера.
Најголем број европратеници или 96 се избираат во Германија, по што следува Франција со 81, Италија со 76, Шпанија со 61, Полска со 53, Романија со 33, Холандија со 31, Белгија со 22, Грција, Португалија, Унгарија, Чешка и Шведска со по 21, Австрија со 20, Бугарија со 17, Данска, Словачка и Финска со по 15, Ирска со 14, Хрватска со 12, Литванија со 11, Летонија и Словенија со по девет, Естонија со седум и Кипар, Луксембург и Малта со по шест членови во Европскиот парламент.
Според последните анкети на јавното мислење и излезните анкети од земјите каде гласањето заврши, се очекува десно центристичката Европска народна партија (ЕПП), да освои меѓу 173 и 181 мандати, пред лево центристичката Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) со од 138 до 143 места и либералниот блок „Да ја обновиме Европа“ на кој му се предвидува да освои меѓу 75 и 85 европратеници. Рамо до рамо со либералите е националистичка и десничарска групација Европски конзервативци и реформисти (ЕРЦ), која се очекува да освои од 76 до 82 мандати, пред екстремно десничарската група Идентитет и демократија (ИД) со меѓу 67 и 69 пратеници, блокот на Зелените и Европска слободна алијанса (ЕФА) кој би требало да освои меѓу 41 и 58 европратеници и Левицата со од 32 до 42 места.
Партиите што не се членки на ниту една европска група се очекува да освојат околу 55 места. Меѓу нив се и екстремно десничарската Алтернативата за Германија (АФД), италијанското популистичко Движење Пет ѕвезди (М5С), национал-конзервативната и десно популистичка Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, лево популистичката и националистичка Насока-Социјална демократија (Смер-СД) на словачкиот премиерот Роберт Фицо, социјалдемократската Глас-Социјална демократија (Хлас) на претседателот на Словачка, Петер Пелегрини и германската левичарска и популистичка Алијанса на Зара Вагенкнехт (БСВ).
Но, вистинската битка стартува од утре, ден по завршувањето на изборите, кога ќе почнат да се прваат комбинаторики и сценарија врз основа на изборните резултати и ќе стартуваат подготовките за преговорите и пазарењата меѓу политичките групации за поделбата на четирите водечки функции – претседателите на Советот на ЕУ, на Европската комисија и на Европскиот парламент и висок претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност, кои ќе го постават компасот на блокот во следните години до 2029-та.
Иако формално преговорите ќе се водат меѓу групите во Европскиот парламент, во суштина клучниот и конечниот избор на носителите на овие функции ќе го направат 27-те шефови на држави или влади на ЕУ, што дополнително го усложнува целиот процес.
Доколку се остварат прогнозите дека ЕПП ќе освои најмногу пратеници, тоа ќе ја охрабри групата и официјално да ја номинира актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за втор мандат. Во такви услови ЕПП ќе почне со математиките за обезбедување на неопходните 361 глас во Европскиот парламент за нејзиниот реизбор, што нема да биде едноставно имајќи предвид дека и во редовите на самата партија ќе има европратеници кои не се расположени да ја поддржат Фон дер Лајен.
Од друга страна, во првите неколку недели по изборите во Европскиот парламентот ќе се одвиваат и пазарења на политичките групи за евентуално привлекување на некои партии кои досега не биле членки на ниту една групација или се незадоволни со позицијата во сегашната група, како и евентуално партиско прегрупирање и формирање на нови групации.
Во такви услови претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, која се надева на нов мандат во следните две и пол години, најверојатно уште во текот на следната недела ќе свика средба на досегашните први луѓе на политичките групи за да направи преглед на изборните резултати.
Веќе од следната недела (по 17 јуни) се очекува да почнат состаноците на политичките групи што ќе дејствуваат во новиот Европарламент и изборот на нивните раководства, процес што се очекува да заврши до почетокот на јули.
До крајот на месецот ќе се одржат и две лидерски средби, прво Самитот на Г7 во Апулија од 13 до 15 јуни и потоа неформалниот Самит на ЕУ на 17 јуни во Брисел. Во Апулија првпат по изборите во живо ќе се сретнат Фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанската премиерка Џорџа Мелони, па неизбежно се очекува да „разменат мислења“ за можните кандидати за водечките позиции во ЕУ.
Два дена подоцна ова прашање ќе биде и тема на вечерата на неформалната средба на лидерите на ЕУ. Пред тоа истиот ден, шефовите на држави или влади на членките на ЕУ ќе имаат средби во рамките на нивните политички групи на кои ќе треба да ги усогласат своите ставови и да ги одредат своите преговарачи во процесот на поделбата на функциите.
Така, се очекува главни преговарачи на ЕПП да бидат премиерите на Грција и Полска, Кирјакос Мицотакис и Доналд Туск, кои речиси сигурно на неформалната средбата со своите колеги ќе ја потврдат поддршката за Фон дер Лајен.
Евентуална одлука за кандидатите за водечките функции најрано може да се очекува на Самитот на ЕУ на 27 и 28 јуни во Брисел. Иако тоа не е задолжително, лидерите на ЕУ веројатно ќе сакаат да ги договорат имињата на носителите на четирите водечки позиции, имајќи ги предвид соодносот на силите меѓу политички групи, географската застапеност и полова рамнотежа. Притоа ќе треба да се најде баланс меѓу апетитите на политичките групи и интересите на земјите членки.
Пред Советот на ЕУ конечно да излезе со усогласените кандидати за водечките функции, Мишел најверојатно ќе одржи консултации со првите луѓе на политичките групи во Европскиот парламент.
Сето ова води до заклучокот дека ќе претстои „жешко“ политичко лето во ЕУ, па не е исклучено доколку нема договор пред август, консултациите и разговорите да продолжат и за време на августовската летна ферија на институциите на ЕУ