Израелската Армија одбива да ги коментира наводите за пумпање морска вода во тунелите во Газа

 – Израелската војска одби да ги коментира информациите дека пумпа морска вода во мрежата од подземни тунели што ги користат палестинските борци во Појасот Газа.

На синоќешното прашање за наводите за впумпување вода во тунелите во енклавата, израелски воен претставник одби да одговори, наведувајќи дека „не открива оперативни детали“.

„Израелската војска со години работи на тактички опции во врска со тунелите и има различни методи за нивно неутрализирање“, рече воениот претставник.

Според „Волстрит журнал“, Израел планира да пумпа морска вода во тунелите што ги користат палестинските борци на отпорот како дел од пошироката стратегија за уништување на подземниот систем.

Израел верува дека тунелите се клучни за операциите на Хамас на бојното поле.

Началникот на Генералштабот на израелската војска, Херци Халеви, претходно ги опиша наводите за пумпање морска вода во тунелите во Газа како „добра идеја“.

Израел го бомбардира Појасот Газа од воздух и од копно, воведе опсада и изврши копнена офанзива како одмазда за прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.

Според здравствените власти на Газа, досега во израелските напади загинале најмалку 18.608 Палестинци, а 50.594 се повредени.

Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, додека околу 139 заложници и понатаму се во заробеништво, според официјалните податоци.