Израелската војска објави крај на нападите во Џенин и повлекување на војниците

– Израелската војска денес објави крај на нападите и повлекување на сите свои војници од бегалскиот камп Џенин на окупираниот Западен Брег..

Во изјава за радиото на израелската Армија, портпаролот на Армијата, Даниел Хагари, рече: „Сите (израелски) сили го напуштија Џенин“, нагласувајќи дека „целите на рацијата се постигнати“.

Тој исто така истакна дека израелската Армија уапсила над 300 лица во Џенин, и додаде дека за време на упадот загинале „неборци“.

Во меѓувреме, новинарот на Анадолу го потврди повлекувањето на Израел од Џенин по 48-часовниот напад, и рече дека секојдневниот живот почнал постепено да се враќа во нормала во бегалскиот камп со враќање на неговите жители кои го напуштија за време на израелските напади.

Во понеделникот, израелската Армија започна голема рација во бегалскиот камп Џенин во рамките на која изврши и воздушни напади. Според палестинското Министерство за здравство, во израелската офанзива во Џенин загинале 12 Палестинци, над 100 се повредени, а предизвикана е огромна материјална штета низ бегалскиот камп.

Израелската офанзива беше осудена од неколку земји, меѓу кои и од Туркије, Јордан, Египет, Индонезија и други.