Израелските авиокомпании го нормализираат сообраќајот

Холандската влада издаде совет да се избегнуваат сите патувања во Израел поради неизвесната ситуација по синоќешните ирански напади.

Германскиот авиопревозник Луфтханза ги откажа летовите до Аман, Ербил и Тел Авив до вторник, а летовите до Бејрут и Техеран до четврток. Големите авиокомпании на Блискиот Исток продолжуваат со работа откако откажаа или пренасочија некои летови.

Од попладнево Емиратс ерлајнс повторно лета кон и од Јордан, Либан и Ирак. „Катар ервејс“ ги обнови летовите за Аман, Бејрут и Багдад. Компанијата „Етихад“ од Обединетите Арапски Емирати од утре се враќа на распоредот на курсеви меѓу Абу Даби и Тел Авив, Аман и Бејрут.

Поради иранскиот напад, голем број земји на Блискиот Исток привремено го затворија својот воздушен простор.

Јордан, Ирак и Либан утрово ја укинаа мерката. Израелските авиокомпании го нормализираат сообраќајот откако Израел го отвори своето небо во 7.30 часот утринава.