„Група војници на израелската војска е суспендирана поради непримерните и неприфатливите изјави што ги објавија на социјалните мрежи и против нив е поведена истрага. Резултатите од истрагата ќе бидат доставени до Главното воено обвинителство“
Во Израел се суспендирани војниците што преку социјалните мрежи дадоа порака за солидарност со Палестинците и ја „навредуваа војската“ во врска со неодамнешниот напад на израелската војска на окупираниот Западен Брег, пренесува Анадолу.
Израелската војска објави соопштение за војниците, чии снимки беа објавени по рацијата во градот Џенин на окупираниот Западен Брег, во кои наводно „го навредуваат Израел“ и даваат порака за поддршка на Палестинците.
„Група војници на израелската војска е суспендирана поради непримерните и неприфатливите изјави што ги објавија на социјалните мрежи и против нив е поведена истрага. Резултатите од истрагата ќе бидат доставени до Главното воено обвинителство“, се вели во соопштението.
Неколку војници, за кои се наведува дека се припадници на Друзите и Бедуините во Израел, во меѓусебен разговор во аматерски видеа објавени на интернет, кои за краток временски период станаа вирални, шеговито користеле изрази за поддршка на Палестинците во Џенин што ѝ даваа отпор на израелската војска.
Во видеото војниците на арапски велат: „Алах нека ги заштити Џенин и Палестина. По ѓаволите со Израел“, а упатени се и „навредливи зборови против Израел и неговата војска.“
Седуммина Палестинци, меѓу кои две деца, загинаа, а над 60 Палестинци се повредени во нападите што ги изврши израелската војска во понеделникот со хеликоптер „Апачи“ врз градот Џенин, во северниот дел на окупираниот Западен Брег. Во судирите се повредени и седум израелски војници.
AA