Во Индија во вторник ќе почнат најмасовните избори во светот, кои ќе траат речиси седум недели и на кои ќе можат да гласаат речиси милијарда луѓе, што е околу 10 отсто од светската популација.
Изборите за Долниот дом на Парламентот со 543 места, ќе траат до 1 јуни и ќе учествуваат кандидати од повеќе од 2.400 политички партии.
Ќе се гласа на повеќе од еден милион избирачки места низ целата земја. Изборната комисија на Индија ќе ангажира 15 милиони државни службеници за да помогнат во одржувањето на изборите. Гласањето ќе се одвива во седум фази, пребројувањето на гласачките ливчиња и резултатите треба да бидат познати на 4 јуни, а целиот изборен процес да заврши на 6 јуни.
Премиерот Нарендра Моди на изборите ќе се обиде да освои трет последователен мандат. Неговата партија Бхаратија Џаната (БЈП), која е доминантната политичка групација во земјата, се очекува да освои повеќе од 272 места потребни за мнозинство во парламентот. Моди даде уште пооптимистички предвидува дека БЈП ќе освои 370 места, а неговиот политички сојуз Националната демократска алијанса да има над 400, што би било најмногу во изминатите 40 години, пренесува Индекс.хр.
Главен ривал ќе им биде опозициската Конгресна партија, која управуваше со Индија поголемиот дел од времето од независноста во 1947 година. Конгресната партија формираше сојуз од 28 партии наречени ИНДИА (Индиска национална развојна инклузивна алијанса) за заедно да се борат против БЈП.
Индија користи електронски машини за гласање, воведени во 1982 година. На претстојните избори ќе се користат 5,5 милиони електронски машини на кои се гласа со притискање на копчето до името на кандидатот и партискиот симбол.
Моди и неговата партија предизборно ветуваа уште поголем економскиот раст, инвестиции во инфраструктурата и програми за социјална помош за сиромашните. Опозицијата, пак, го критикува Моди за високата невработеност, проблемите во руралните области и за верска поларизација во општеството.