Иницијативата Отворен Балкан овозможи раст на трговската размена за речиси 30 проценти

– Иницијативата „Отворен Балкан“ досега овозможи извозот или увозот на прехранбени производи меѓу земјите-членки да се намали до 50 отсто, директните трошоци за даноци и такси се намалени до 80 отсто, што резултираше со зголемување на трговската размена во регионот на Отворен Балкан за речиси 30 отсто, покажа денеска истражувањето на Американските стопански комори (AmCham) во Србија, Северна Македонија и Албанија.

„Иницијативата Отворен Балкан претставува одлична можност за либерализација на капиталните текови, бидејќи ќе го направи регионот поатрактивен за нови инвестиции, како и за проширување на инвестициите“, рече претседателот на Амчам, Стефан Лазаревиќ, на конференцијата „Регионална економска соработка, Отворен Балкан: што може да очекува економијата?“.

Тој додаде дека е неопходно иницијативата Отворен Балкан да се прошири на сите пазари во Западен Балкан, со цел економската интеграција да биде уште поуспешна.

Лазаревиќ изјави и дека бизнис заедницата очекува многу од имплементацијата на постигнатите договори во доменот на слободен пристап до пазарот на трудот.

Тој потсети дека иницијативата Отворен Балкан има за цел да создаде единствен регионален пазар заснован на принципите и вредностите на кои се заснова единствениот пазар на Европската унија, а тоа се слободата на движење на стоки, капитал, услуги и луѓе.

Српскиот министер за трговија Томислав Момировиќ истакна дека Отворениот Балкан е „еден од најважните аспекти на српската економска политика“.

„Поврзувањето на пазарите и интеграцијата на регионално и европско ниво немаат алтернатива. Секој друг пат е пат кон неизвесност, пат кон економска и политичка стагнација“, рече Момировиќ.

Тој додаде дека затоа Србија е решена на секој начин да го поврзе регионалниот пазар, потсетувајќи дека Отворен Балкан е иницијатива на лидерите на Албанија, Северна Македонија и Србија, односно не е наметната однадвор.

„Отворениот Балкан доведе до тоа денес Србија и Албанија да имаат најдобри политички односи во својата историја“, рече министерот за трговија на Србија и посочи дека Владата на Србија нема да се откаже од регионалните интеграции.