Европскиот вицешампион Интер прифатил да се раздели со Марсело Брозовиќ и за тоа ќе добие солидна сума од неговиот следен клуб.
Иако за хрватскиот репрезентативец заинтересирана беше и Барселона, следен клуб на Брозовиќ сепак ќе биде Ал Наср.
Досегашниот фудбалер на Интер ќе му биде нов соиграч на Кристијано Роналдо во Саудиска Арабија, а Интер едноставно не можел да ја одбие понудата од 23 милиони евра, имајќи ја предвид својата финансиска ситуација и желбата да доведе нови фудбалери.
Главен мотив за Брозовиќ секако се финансиските услови, бидејќи во Ал Наср ќе заработува по 20 милиони евра во текот на наредните три сезони, или годишна сума за која во Интер му беа потребни неколку години.
Брозовиќ осум години настапуваше за „нероазурите“, а според италијанските медиуми, неговото заминување значи дека Интер ќе ги реинвестира средствата во Давиде Фратези, за кого води жестока битка со повеќе италијански ривали.