Инфлацијата во Велика Британија е меѓу највисоките во Западна Европа

 Инфлацијата во Велика Британија во јули се забави на 6,8 отсто на годишно ниво, што е во согласност со очекувањата и со најниската годишна стапка на инфлација во таа земја од февруари 2022 година, покажаа денеска објавените податоци.

За споредба, во јуни годишната стапка на инфлација изнесуваше 7,9 отсто. Така, инфлацијата продолжи да забавува во земјата, откако во октомври минатата година достигна 11,1 отсто, што е највисоко ниво во последните 41 година, покажуваат податоците на Заводот за национална статистика (ONSA).

Од Заводот соопштија и дека намалувањето на цените на гасот и струјата се најголемиот двигател на забавувањето на инфлацијата, а ублажена е и инфлацијата на цените на храната.

Сепак, Британија и натаму бележи една од највисоките стапки на раст на цените во Западна Европа, само Исланд и Австрија имаат повисока инфлација. Во исто време, таа се уште е далеку над целната стапка на Централната банка од 2 отсто.

„Имајќи предвид дека растот на платите и инфлацијата во услужниот сектор се посилни отколку што очекуваше Централната банка, се чини дека Банката на Англија ќе има повеќе работа“, рече Рут Грегори од консултантската компанија „Кепитал Економикс“ (Capital Economics).

Банката на Англија внимателно ја следи основната инфлација, која ги исклучува нестабилните цени на храната и енергијата, како и цените на потрошувачките услуги. Базичната инфлација остана на 6,9 отсто во јули, непроменета од јунската стапка и над очекувањата на економистите во анкета од 6,8 отсто.