Испратен е инспектор на увид и не е пронајден отров, велат од Општина Карпош по пријавата дека е расфрлена отровна материја
Откако денеска Регионалниот центар за управување со кризи Скопје информираше дека е расфрлена отровна материја меѓу комплексот згради на крстосницата меѓу улицата „Варшавска“ и булеварот „8 Септември“, од Општина Карпош за МИА информираат дека бил испратен инспектор на увид и дека не е пронајден отров.
– По пријава на РЦУК Скопје, испратеивме испектор на увид на лице место и не е констатиран никаков отров, велат од Општината.
Претходно, Регионалниот ЦУК Скопје соопшти дека од Единствениот број за итни случаи Е-112 добиле информација дека на крстосницата на ул. „Варшавска“ со Бул. „8ми Септември“, околу комплексот на згради, имало расфрлана отровна материја од којашто започнале да изумираат бездомни животни.
Пријавата, како што информираа оттаму, била доставена до Општина Карпош, до Полициската станица „Карпош“, од каде е добиена информација дека е испратена екипа на терен, како и до ЈП „Лајка“.
МИА ги контактираше ЈП „Лајка“ и Агенцијата за храна и ветеринарство. Од „Лајка“ информираа дека граѓани денеска го пријавиле случајот, но дека тие немаат надлежност за постапување, а од Агенцијата за храна и ветеринарство потврдија дека до нив е пристигнато вакво известување