Италијанската влада одобри – данок од 40 проценти

Италијанската влада го одобри предлогот за данок од 40 отсто на некои профити на банките.

Акциите во италијанските банки паднаа откако владата во Рим го одобри предлогот за воведување данок од 40 отсто на некои профити на банките оваа година за да им се помогне на потрошувачите и бизнисите да се справат со повисоките трошоци за задолжување.

На берзата во Милано акциите на УниКредит банка паднаа за повеќе од седум отсто, додека акциите на Интеза Санпаоло исто така паднаа – за повеќе од осум отсто, Банко БПМ – за 8,5 отсто, како и БПЕР и Банке МПС – по 10 проценти, пренесува АП.

Падот на акциите на италијанските банки ги погоди големите банки во поширока смисла на европските пазари, при што германската Deutsche Bank, француската BNP Paribas и Société Générale, британската HSBC и шпанската Banco Santander исто така паднаа во раните попладневни тргувања на берзата.

Италијанскиот министер за транспорт, Матео Салвини, го објави данокот на прес-конференција во понеделникот вечерта, велејќи дека тоа е мерка за „социјална правда“ која ќе ја неутрализира низата зголемувања на каматните стапки од страна на Европската централна банка.

Аналитичарите велат дека банките сигурно ќе се обидат да го променат предлогот или да го оспорат на суд, доколку биде усвоен од парламентот, што е следниот чекор во законодавниот процес.