Теренот на Националната арена „Тодор Проески“ беше главна тема пред натпреварот меѓу Македонија и Италија, но неминовно е да се зборува за тоа и по завршениот дуел
Тренерот на Италија, Лучано Спалети вели дека одиграле пристоен меч, се пожали дека лошиот терен не им дозволил да одиграат поквалитетно и да создадат повеќе шанси за победа над Македонија.
Македонија го расипа дебито на Лучано Спалети на кормилото на „аѕурите“, Енис Барди мајсторски погоди од слободен удар и донесе поделба на бодовите откако претходно Чиро Имобиле реализираше за водство на Италија.
„Се мачевме со одбиените топки, не бевме толку солидни во дефанзива при овие ситуации и дозволувавме фудбалерите од средниот ред на противникот да го вратат поседот“ – рече Лучано Спалети по последниот свиреж на судијата.
„Одигравме пристоен натпревар, не им дозволивме да креираат многу шанси, малку немавме трпение за правото додавање кога ни се укажуваше простор за тоа“.
„Можевме да одиграме поквалитетно, но Македонија се бранеше со петмина, па тешко отваравме простор. Тоа особено беше невозможно поради состојбата на теренот, нема шанси добро да додавате на вака лош терен“.
Елиф Елмас по мечот им се извини на италијанските фудбалери за лошиот терен.
„Игравме на ужасен терен и сакам поради тоа да им се извинам на италијанските фудбалери. Не дека нам ни беше лесно да играме во вакви услови, но таква е реалноста. Пресреќен сум од освоениот бод, кој е исклучително значаен за нас. Веднаш се виде дека Италија игра различно под палката на Спалети, кој воведе работи во играта на кои бевме навикнати во Наполи. Знаев дека неговиот систем многу тешко може да се примени на ваков терен“, изјави Елмас.