Каевски: “Антикорупциска да отвори предмет за случајот Парцели во Лисиче“

Почитувани,

Наместо проекти, развој и повеќе зеленило, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ донесоа бетонизација на општините со кои раководат.

Последен пример е Деталниот урбанистички план за Лисиче од страна на Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ со кој во реон на семејни куќи предвидува изградба на висококатници.

Но освен предвидените згради, овој ДУП е спорен и со фактот што парцелите каде се предвидени маркичките за градба се претходно купени од страна на градежни инвеститори, што отвора сомнеж дека тие можеби знаеле каде ќе се градат згради па затоа купиле парцели од над илјада метри квадратни.

Затоа, Државната комисија за спречување на корупцијата мора да го истражи овој случај до крај.

Тимчо Муцунски освен што ја бетонизира општината, сака со пет милиони евра општинска обврзница да ги задолжи граѓаните на Аеродром.

Предупредивме и претходно, предупредуваме и денеска дека со ваков начин на задолжување, лесно може обврзницата да биде купена од големиот бизнис и од големи градежни компании кои потоа ќе влијаат врз работата на градоначалникот и општината, особено во делот на креирање и носење на урбанистички планови.

Почитувани,

За една и пол година Муцунски и другите градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ не реализираа ниту еден важен проект за граѓаните.

Но затоа ги задолжуваат општините, додека трошат милиони евра за вработување на партиски војници.

Сето тоа е уште еден доказ дека во партијата предводена од Христијан Мицкоски ништо не се менува, за ВМРО-ДПМНЕ интересите на граѓаните се на последното место.

Прес-конференција, Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ.