,,Како вистински пријатели!” Зеленски беше пречекан со воени почести во Берлин: Германија е сигурен сојузник на Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја поздрави поддршката на Берлин за Киев, наведувајќи дека Германија е вистински пријател и сигурен сојузник на Украина.

„За време на најтешкиот период од модерната украинска историја, Германија се покажа како наш вистински пријател и сигурен сојузник кој одлучно стои покрај украинскиот народ во борбата за одбрана на слободата и демократските вредности“, напиша Зеленски во книгата за гости на германското претседателство.

Украинскиот претседател беше пречекан во Берлин со воени почести, во неговата прва посета на германската престолнина од почетокот на руската инвазија на Украина.

Зеленски прво се сретна со претседателот Франк-Валтер Штајнмаер, а потоа и со германскиот канцелар Олаф Шолц.

По пристигнувањето во Берлин, Зеленски на Твитер изјави дека посетата ќе биде посветена на „многу важниот пакет“ за испорака на оружје за Киев, како и на „обновата“ на Украина.

Во Ахен на Зеленски попладне ќе му биде врачена наградата Карло Велики за придонес во европското единство.