Како е откриена новата анаконда во амазонската џунгла – детали за џиновската змија тешка преку 200 килограми

Научниците открија нов вид на џиновска анаконда во оддалечена и скриена област на Амазон со помош на домородно племе.

Биологот Брајан Фрај од Универзитетот во Квинсленд во Австралија го предводеше тимот кој пронашол и проучувал неколку примероци од новооткриената северна зелена анаконда во регионот Бамено.

„Ние бевме поканети од племето Ваорани да го истражиме регионот и да собереме примероци од одредена популација на анаконди, за кои се шпекулира дека се најголемите досега. Локалните ловци не испратија во џунглата на 10-дневна експедиција. Племето, всушност, ги смета овие змии за свети“, рече тој.

Фрај вели дека северната зелена анаконда се разделила од јужната зелена анаконда пред речиси 10 милиони години и дека генетски се разликуваат за 5,5 проценти.

„Ова е многу значајна промена. На пример, луѓето генетски се разликуваат од шимпанзата само за околу 2 проценти. Ова откритие е врв во мојата кариера“, додава тој.

Во истражувањето учествувал и холандскиот биолог Фрик Вонк, кој пред неколку дена на Фејсбук објави неодамнешна снимка од средба со новооткриен вид џиновска змија.

„Видеото ја прикажува најголемата анаконда што некогаш сум ја видел. Дебелa е како автомобилска гума, долга осум метри и тешка преку 200 килограми – со глава колку мојата“, напиша тој.

Досега се препознаени четири видови анаконда, вклучувајќи ја и зелената анаконда (позната и како џиновска анаконда). Зелените анаконди се вистински џинови меѓу рептилите. Најголемите женки можат да пораснат над седум метри и да тежат над 250 килограми.

Овие животни се добро прилагодени на животот поминат главно во вода. Ноздрите и очите им се на врвот на главата, така што тие можат да гледаат и да дишат додека остатокот од нивните тела е потопен.

Тие се во маслинеста боја со големи црни дамки, што им овозможува да се спојат со околината. Зелената анаконда лесно се движи низ вода и може да нападне голем плен како елени.

Овие суштества не се отровни. Тие го зграпчуваат пленот со големи, флексибилни вилици, а потоа го гушат и го скршуваат со моќните тела пред да го проголтаат.

Истражувањето, насловено „Дистрибуција на анакондите: Откривање на нов зелен вид и преиспитување на жолтите“, е објавено во списанието MDPI Diversity .