Како на филм: Вооружен напаѓач уби 8 лица во трговски центар во Тексас – ,,Ова е трагедија”

 – Осум лица вчера се убиени во трговски центар во американскиот град Ален, во сојузната држава Тексас, оддалечен 48 километри од градот Далас. Напаѓачот е убиен од полицијата.

„Ова е трагедија. Луѓето ќе бараат одговори“, рече шефот на полицијата на Ален, Брајан Харви, на конференцијата за медиумите.

Вооружениот напад се случи во трговскиот центар „Ален премиум аутлет“. Харви соопшти дека полицаецот во трговскиот центар веднаш реагирал и го убил напаѓачот.

„Најмалку 7 лица на возраст од 5 до 61 година се хоспитализирани со повреди. Тројца се во критична состојба, а четворица се во стабилна состојба“, наведуваат официјалните претставници.

Очевидецот Кол Корчек, кој бил во трговскиот центар во моментот на нападот, за ТВ-каналот ВФАА-ТВ (WFAA-TV) изјави дека слушнал нешто што наликувало на 10 удари и помислил дека станува збор за градежни работи. Звукот продолжил, а Корчек видел машко лице облечено во црно кое носи елек и пука во луѓето.

„Нашите срца вечерва се со народот на Ален во Тексас по оваа неопислива трагедија“, соопшти гувернерот на Тексас, Грег Абот.

Претседателот на САД, Џо Бајден, е информиран за трагичниот настан.

„Белата куќа внимателно ја следи ситуацијата и е во контакт со органите за спроведување на законот и локалните функционери, за да им се понуди поддршка“, изјави претставник на Белата куќа.

ФБИ и Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозив спроведуваат увид на местото на несреќата.