Луѓето кои имаат пристап до или живеат во близина на зелени области имаат помала веројатност да пропушат или да продолжат да пушат, покажува британско истражување чии резултати беа објавени во списанието Social Science & Medicine.
Резултатите од студијата спроведена меѓу 8.000 Британци ја поврзуваат близината и пристапот до зелените површини со намалена веројатност дека некое лице ќе стане пушач и поголема веројатност дека успешно ќе се откаже од пушењето.
Студијата открива дека луѓето кои пушеле во одреден момент од животот имале 12 проценти поголема веројатност да се откажат доколку живеат во близина на зелени површини. Резултатите од истражувањето спроведено од научници од универзитетите во Плимут, Ексетер и Виена не се променија дури и кога беа земени предвид социо-економскиот статус на учесниците и нивното ризично однесување по здравјето.
Претходните студии на истите научници покажаа дека самиот поглед на природа и зелен предел ја намалува желбата на лицата за алкохол, цигари и нездрава храна. Исто така, постојат претходни докази дека набљудувањето на природата го намалува нивото на стрес и ја зголемува благосостојбата на луѓето.
Авторите на студијата посочуваат дека ова е прва студија што експлицитно поврзува „поголем удел на зелените простори во животната средина со намалување на нездравиот начин на живот“, рече Сабине Пал, коавтор на студијата и специјалист по урбана и еколошка психологија на Универзитетот во Виена.
Таа и нејзините колеги сметаат дека зголемувањето на бројот на зелени површини може да прерасне во ефективна стратегија за јавно здравје и значително да придонесе за намалување на бројот на пушачи во општеството воопшто.