Како ќе изгледа електричниот Fiat од Крагуевац 

Цртежите на патент го откриваат дизајнот на новата електрична Panda која ќе се произведува во Србија.

Веб-страницата Carscoops објави патентни цртежи за кои тврди дека ја прикажуваат новата Panda на Fiat, електричен автомобил што треба да започне со производство во фабриката на италијанската компанија во Крагуевац оваа година.

Овој сајт објави и шпекулативен приказ на новиот модел, базиран на цртежи, а тоа е најдобар обид да се прикаже надворешниот изглед на електричната Panda досега. Иако надворешниот дизајн е донекаде заснован на концептот Centoventi од 2019 година , новата Panda нема да изгледа толку привлечно како овој концептен автомобил.

Сепак, може да се каже дека се работи за возило со модерен дизајн, подигната каросерија во стил на кросовер. И додека предниот дел наликува на оној на Centoventi, задниот дел на автомобилот е многу променет, со истакнати правоаголни LED стоп светла кои се испреплетени со светлосна лента.

Фиат оваа година наполни 125 години и ја прославува годишнината со лансирањето на новата верзија на својот најпродаван автомобил, Panda. Се очекува да се вика New Panda за да се разликува од помалиот сегашен модел кој ќе се ажурира и продава заедно со него.

Новиот мал Fiat ќе биде достапен во чисто електрична верзија, но и како хибридна. Создаден е на истата механичка платформа Stellantis „Smart Car“ како и неговиот „братучед“ Citroen e-C3 , а ќе се произведува во Србија, според Auto News , а не во фабриката во близина на Неапол, во јужна Италија, каде што сегашната Панда се произведува.

Концепт на Centoventi 2019 година (Фото: Fiat)

За разлика од сегашната Panda, новиот модел ќе има поголеми димензии. Претпоставувајќи дека Fiat одговара на димензиите на e-C3, ќе има должина нешто повеќе од 4.000 mm и меѓуоскино растојание од околу 2.540 mm.

За споредба, сегашната Panda има должина од 3.650 mm, додека растојанието меѓу оските е 2.300 mm, па може да очекуваме значително подобрување во однос на практичноста и употребливоста на возилото.

Кога станува збор за цената, се очекува дека хибридната верзија ќе стартува под 15.000 евра, електричната верзија со автономија од 200 километри под 20.000 евра, а верзијата со автономија од 320 километри под 23.000 евра.

Повеќе информации сигурно ќе дознаеме во наредните недели и месеци, пред официјалната премиера.