Касами: Оставка и затворска казна за случајот во Клиниката за онкологија

– Движењето Беса бара одговорност за случувањата во Клиниката за онкологија и оставка од актуелниот министер за здравство. Воедно апелира надлежните органи, МВР и Обвинителството да дејствуваат според законот. 

– Министрите и секој функционер на оваа Влада се подготвени да направат сè што можат, па дури и да одземат животи, само за да се збогатат. Ова најдобро го докажува случајот со злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија. Замислете, пациентите со тешки болести, иако плаќаат данок и здравствено осигурување на оваа држава, се оставени во болничките ходници без терапија или им се даваат лажни терапии поради кои умираат. Од друга страна без срам, без морал и без човечки чувства, лековите за лекување на тешки болести, како што е канцерот, некои лица од Онкологија ги кријат и ги продаваат на црниот пазар. И после целиот овој скандал, за кој се зборува во јавноста речиси две години, премиерот и министрите се појавуваат во јавност и наместо да си поднесат оставки, тие без да поцрвенат ниту малку од срам, се правдаат и велат дека одговорност мора да има, рече денеска на прес-конференција претседателот на партијата Биљал Касами.

БЕСА бара и одговорните за овие, како што рече Касами, нечовечки и монструозни дела, да добијат максимална затворска казна.

Партијата, додаде Касами, се сомнева дека ќе има правда и одговорност за овој случај, исто како што немало, рече, и за „Беса транс“, „Дурмо турс“ и модуларната болница во Тетово.

-Главните виновници за овие трагедии се слободни и без обвиненија. Но, жален е и фактот што граѓаните предупредуваат на вакви скандали и други клиники. Во текот на вчерашниот ден граѓаните на социјалните мрежи се ширеа информации дека повеќе од шест месеци на Клиниката за кардиологија во Скопје нема електрофизиолошка сала за операции и повеќе од 170 пациенти страдаат без да се најде лек или решение. Бараме од премиерот Ковачевски итно да излезе и да се изјасни дали оваа информација е точна, а истовремено ги повикуваме надлежните органи, МВР и Обвинителството да дејствуваат според законот. Замислете каков здравствен систем имаме, каков раководител на Министерството за здравство и каков премиер. Додека граѓаните ни умираат по ходниците на клиниките поради кражбите на терапии, тие излегуваат и велат дека одговорност мора да има. Кој треба да одговара? Во овој случај, одговорот го дава народната поговорка дека „рибата смрди од главата“, а кога владата е корумпирана од глава до пети, не може да има поголема, одговорност од премиерот и министерот за здравство, напомена Касами.