Качињски: „Полска ја формира најголемата копнена армија во ЕУ“

– Полска ја формира најголемата копнена армија во Европската Унија (ЕУ), изјави денес челникот на полската владејачка партија Право и правда, Јарослав Качињски.

„Не држете им предавања на оние што ја формираат најмоќната копнена армија во ЕУ“, изјави Качињски за полската новинска агенција ПАП, сакајќи да го одбие поранешниот премиер Доналд Туск, кој сега ја води опозициската Граѓанска платформа.

Полска се обврза на трошоци за одбраната од најмалку 3 отсто од БДП и веќе потпиша големи договори со субјекти од САД и Јужна Кореја. Со доаѓањето на парламентарните избори оваа есен, Туск неодамна ја обвини владејачката партија дека планира да ја загрози демократијата поради тензиите на источната граница на Полска со Белорусија.

Качињски, исто така, го минимизира инцидентот од вторникот во кој два белоруски хеликоптера, наводно, го нарушиле полскиот воздушен простор.

„Тоа беше многу кратка провокација. И само некој крајно глупав би можел да падне на тоа, односно да гаѓа со вистински проектили кон хеликоптерите. Се разбира, (рускиот претседател Владимир) Путин и (белорускиот претседател Александар) Лукашенко би биле среќни поради тоа“, рече Качињски.

„Тие се беспомошни. Тие знаат дека сме во НАТО, дека ја зајакнавме заштитата на границата и нема да дозволиме враќање на доктрината од времето на владата на Туск, за одбрана на Полска на линијата на Висла“, рече Качињски, мислејќи на воената доктрина што ја поставува полската одбрана позападно по реката Висла.

Министерството за одбрана во вторникот соопшти дека два белоруски хеликоптера го нарушиле воздушниот простор на Полска во близина на селото Бјаловеза.

Белорусија ги негираше наводите, велејќи дека хеликоптерите биле на околу 2 километри од границата.

Полскиот вршител на работите во главниот град Минск, Марцин Војчеховски, вчера беше повикан во белоруското Министерство за надворешни работи да ги објасни тврдењата.

Според белорускиот информативен сервис БелТА, Министерството ја повикало Полска да не ја ескалира ситуацијата и да не ја користи за да го оправда концентрирањето на своите војници по должината на границата.

Откако припадниците на групата „Вагнер“ се префрлија во Белорусија по нивниот неуспешен бунт, Полска истакна дека многумина од нив дошле на полската граница и предупреди дека тоа може да биде предвесник на хибридна војна.

Како членка на НАТО што се граничи со Украина и Белорусија, главниот сојузник на Русија во нејзината војна против Украина, Полска се наоѓа на тензичен простор меѓу НАТО и земјите сојузници на Русија.