Киев го повика МСП да ги отфрли руските приговори за тврдењата за геноцид

– Украина денеска побара од Меѓународниот суд на правдата (МСП) да ги отфрли приговорите на Русија и целосно да го сослуша тврдењето на Киев дека Москва го злоупотребила меѓународното право со тоа што тврди дека инвазијата во 2022 година била извршена за да се запре наводен геноцид.

Киев тврди дека Русија го злоупотребува меѓународното право кога тврди дека инвазијата е оправдана и има за цел да го запре наводниот геноцид во источна Украина, како и дека немало ризик од геноцид во областа каде Украина се бореше против силите поддржани од Русија во 2014 година.

Минатата недела Русија го повика МСП, познат и како Светски суд, да го отфрли случајот, тврдејќи дека правните аргументи на Киев се погрешни.

Харолд Кох, адвокат кој ја застапува Украина, рече дека Судот треба да го отфрли тврдењето на Русија дека Судот нема надлежност, бидејќи централното прашање не е геноцид, туку употребата на сила, над која МСП нема јурисдикција.

Тој посочи дека наместо тоа, Судот треба да се фокусира на она што тој го нарече вистински проблем, а тоа е дали „моќна држава може лажно да го обвини соседот за геноцид, а потоа да употреби нелегална сила за да ги убие своите граѓани, да ја уништи нивната татковина и да го дестабилизира глобалниот правен поредок – сето тоа под изговор за спречување и казнување на геноцид“.

Русија досега ја игнорираше прелиминарната одлука на Меѓународниот суд на правдата од март минатата година, која и нареди на Москва да ги прекине воените операции.