Кина: Американската резолуција за Газа во ОН целосно ќе го уништеше дводржавното решение

– Нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) за израелско-палестинскиот конфликт, предложена од Соединетите Американски Држави (САД), целосно ќе го уништеше дводржавното решение доколку беше усвоена, а тоа е причината поради која Пекинг се спротивстави, изјави кинескиот претставник во ОН.

Говорејќи пред Советот за безбедност, амбасадорот Џанг Џун рече дека предлогот отстапува „од духот на претходните резолуции на ОН и ја вградува опасната логика на судир на цивилизации и оправдување на војна и употреба на сила“.

„Ако беше усвоена, таа целосно ќе ја уништеше перспективата на дводржавното решение и ќе ги втурнеше палестинскиот и израелскиот народ во опасен круг на омраза и конфронтација“, додаде тој.

Посочи дека американската страна ги игнорирала колегите членови на Советот, Кина, Русија, ОАЕ и Бразил, предложила амандмани на текстот и направила „козметички“ измени на нацртот пред да го претстави.

Вчера, две нацрт-резолуции одделно предложени од САД и Русија за израелско-палестински конфликт не поминаа во Советот за безбедност на ОН.

Советот прво гласаше за нацрт-резолуцијата на САД, која бараше прекин на бомбардирањето во Газа за доставување хуманитарна помош, го осуди нападот на 7 октомври од страна на палестинската група Хамас во Израел и повика на „итно и безусловно ослободување на сите преостанати заложници“ што ги држи Хамас.

Резолуцијата доби 10 гласа, а Русија, Кина и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) гласаа против. Постојаните земји членки на Советот, Русија и Кина, имаат право на вето на која било резолуција, без оглед на тоа како гласаат другите членки.

ОАЕ се привремен член на Советот.

Речиси три недели од почетокот на конфликтот, кој започна на 7 октомври, според официјалните податоци, загинати се 7.028 Палестинци, од кои 2.913 деца, 1.709 жени и 397 стари лица, и околу 1.400 Израелци.